ЈАНКУЛОВСКИ: Ќе ги разобличиме лагите за задолжувањето – парите одат за економски раст, а не за финансиски хаос
Во услови кога опозицијата повторно се обидува да креира паника и дезинформации околу планираното задолжување, Владата уверува дека финансиските политики се насочени кон стабилност, поддршка на стопанството и забрзан економски раст.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски остро реагираше на, како што посочи, обидите на опозицијата да манипулира со јавноста и да создава неоснован страв кај граѓаните.
„Да ги разобличиме лагите на првенецот на опозицијата во врска со планираното задолжување. Факт е дека максимално и единствено сме насочени кон поддршка на стопанството и економскиот раст на државата, но мора да се финансираат и наследените финансиски обврски и дел од општите буџетски потреби, без негативните ефекти кои ги гледавме во 2017-2024 и тоа ни под разно нема да го дозволиме“, истакна Јанкуловски.
Тој нагласи дека планираните финансиски активности не значат непродуктивно трошење, туку одговорен пристап кон јавните финансии со цел обезбедување економска стабилност, сервисирање на наследените обврски и реализација на развојни проекти.
Според Владата, средствата ќе бидат насочени кон приоритети што носат конкретни резултати – поддршка на економијата, инвестиции, инфраструктурен развој и подобар животен стандард за граѓаните.
Од Министерството за финансии потенцираат дека нема да се дозволат негативните практики од минатото, кога неодговорното управување создаваше дополнителен товар врз економијата и граѓаните.
Владата, како што посочуваат, останува цврсто посветена на политики што обезбедуваат финансиска стабилност, предвидливост и долгорочен развој на државата.




