Силна поддршка за капитални инвестиции и инфраструктурен развој во Пелагонија
На средба со стопанствениците од Пелагонискиот регион, претставници на Владата, локалните самоуправи и бизнис-заедницата разговараа за клучните инфраструктурни и економски приоритети кои треба да го поттикнат развојот на регионот.
На средбата присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, заменик-министерот за финансии проф. д-р Николчe Јанкуловски, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски, како и градоначалници од Пелагонискиот регион. Средбата беше организирана на покана на претседателите на бизнис-коморите од Битола и Прилеп, Велковски и Мариноски.
Посебен акцент беше ставен на капиталните инвестиции и инфраструктурните проекти кои се од суштинско значење за подобра регионална поврзаност, побрз транспорт и забрзан економски развој.
Заменик-министерот за финансии проф. д-р Николчe Јанкуловски истакна дека Министерството за финансии останува цврсто посветено на поддршка на инвестиции кои носат конкретни резултати за стопанството и граѓаните.
„Како Министерство за финансии, остануваме цврсто посветени на поддршка на инвестиции што отвораат нови можности за стопанството и обезбедуваат подобра иднина за граѓаните“, беше посочено на средбата.
Меѓу приоритетните проекти кои беа потенцирани се автопатот Прилеп – Битола, за кој беше нагласено дека ќе биде завршен и пред предвидениот рок, како и активното работење на проектните решенија за патните правци Фариш – Прилеп и експресниот пат до Меџитлија.
Средбата беше оценета како успешна и конструктивна, со јасна определба за продолжување на соработката меѓу институциите и бизнис-заедницата во насока на реализација на развојните приоритети на регионот.








