Блокадата на Фискалната стратегија е удар врз економијата и развојот на државата

Јанкуловски: Блокадата на Фискалната стратегија е удар врз економијата и развојот на државата

Опозицијата повторно избира политички блокади наместо работа во интерес на граѓаните, оцени заменик-министерот за финансии проф. д-р Николчe Јанкуловски, коментирајќи го блокирањето на Фискалната стратегија 2027–2031 во Комисијата за финансирање и буџет.

Според Јанкуловски, во период кога граѓаните очекуваат економска стабилност, развој и конкретни решенија, опозицијата повторно се одлучува за кочници и дневнополитички пресметки кои директно влијаат врз економските процеси во државата.

„Блокирањето на Фискалната стратегија не е удар врз Владата, туку директно влијае врз економијата, инвестициите и идниот развој на државата. Наместо конструктивен пристап и конкретни предлози, сведоци сме на обиди за создавање неизвесност и политички хаос“, истакна Јанкуловски.

Тој потенцираше дека ваквото неодговорно однесување носи сериозни последици врз економската клима и развојните процеси во државата.

„Со овие блокади се загрозуваат капиталните инвестиции, се испраќа негативен сигнал до домашните и странските инвеститори, се забавува развојот на инфраструктурата и се создава несигурност кај граѓаните и компаниите“, нагласи заменик-министерот за финансии.

Јанкуловски порача дека државата не смее да биде заложник на политички инает и деструктивни блокади, додавајќи дека се потребни одговорност, стабилност и посветена работа во интерес на граѓаните.

„Потребна е поддршка на политики што обезбедуваат економски раст, стабилност и подобра иднина за сите граѓани. Институциите мора да работат во интерес на развојот, а не да бидат инструмент за политички пресметки“, посочи тој.

Од ПОДЕМ велат дека остануваат доследни на принципите на конструктивност, развој и политики насочени кон економски напредок и подобар животен стандард за граѓаните.

Scroll to Top