Зелената економија е иднината – без одржливост нема стабилност и развој

ЈАНКУЛОВСКИ ОД ИСТАНБУЛ: Зелената економија е иднината – без одржливост нема стабилност и развој

Светот се наоѓа пред сериозни глобални трансформации, а економскиот развој повеќе не може да се оддели од екологијата, енергетската безбедност и човечката одговорност, порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски на 29. Евроазиски економски форум во Истанбул, организиран од Мармара Фондацијата.

Говорејќи на сесијата посветена на глобалната одговорност и современите предизвици на тема „Живеење на планета каде што водата и зеленилото се намалуваат“, Јанкуловски предупреди дека светот веќе живее во услови на континуирани кризи кои оставаат сериозни последици врз економиите и јавните финансии.

„Денес живееме во време на сериозни глобални трансформации. Последните години светот се соочи со пандемија, енергетска криза, инфлациски притисоци, геополитички конфликти и климатски промени. Сите овие предизвици имаат директно влијание врз економиите и врз квалитетот на живот на граѓаните“, истакна Јанкуловски.

Тој нагласи дека во услови на продолжени глобални кризи, одговорноста на владите е уште поголема, особено во одржувањето баланс помеѓу економските предизвици и потребата од фискална стабилност.

„Еколошките прашања денес имаат егзистенцијален карактер. Тие директно влијаат врз економската стабилност, енергетската безбедност, јавните финансии и иднината на нашите општества“, порача заменик-министерот за финансии.

Јанкуловски потенцираше дека Владата останува силно посветена на макроекономската стабилност, фискалната дисциплина и инвестициите во иднината, при што Министерството за финансии има клучна улога во креирањето политики што обезбедуваат стабилен буџет и поддршка на економијата.

Во своето обраќање тој истакна дека во последните години значителни средства од Буџетот се насочени кон капитални инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата, образованието и зелената транзиција.

„Особено внимание посветуваме на енергетската независност и инвестициите во обновливи извори на енергија, бидејќи зелената економија е економија на иднината“, нагласи Јанкуловски.

Тој испрати и силна порака дека на светот му е потребна нова развојна визија која ќе ги поврзе економијата, екологијата и одговорноста кон идните генерации.

„Не смееме да зборуваме за економски раст без да зборуваме за одржливост. Не смееме да зборуваме за иднината без да инвестираме во младите генерации. И не смееме да зборуваме за глобална стабилност без меѓусебна доверба и соработка“, порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.

Scroll to Top