ЈАНКУЛОВСКИ: Поставуваме нов систем за јавни инвестиции – секој денар ќе мора да дава резултат
Со одржувањето на првата седница на Комитетот за јавни инвестиции, државата прави значаен чекор кон поефикасно, потранспарентно и поодговорно управување со капиталните проекти, порача заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
Тој истакна дека целта на новиот систем е јавните инвестиции да носат реална вредност за граѓаните и да бидат насочени кон проекти што создаваат долгорочен економски развој.
„Нашата цел е јасна: инвестиции што носат реална вредност за граѓаните, подобра инфраструктура, посилен економски раст и поквалитетен живот. Со одговорен пристап и јасни приоритети, градиме иднина во која јавните ресурси се насочуваат таму каде што имаат најголем ефект“, истакна Јанкуловски.
Според него, Комитетот за јавни инвестиции ќе има клучна улога во утврдувањето на приоритетите, следењето на реализацијата на проектите и подобрувањето на координацијата помеѓу институциите.
Фокусот, како што беше посочено, ќе биде ставен на капитални проекти што обезбедуваат видливи резултати за граѓаните, подобра инфраструктура и посилна економска активност.
„Ова е чекор кон модерно и стратешко управување со јавните инвестиции — со повеќе отчетност, подобро планирање и поголема ефикасност во користењето на јавните средства“, нагласи заменик-министерот за финансии.
Од Министерството за финансии потенцираат дека новиот пристап ќе овозможи поголема дисциплина во реализацијата на капиталните инвестиции и подобро искористување на буџетските средства, со јасен фокус на проекти што носат развој и подобар животен стандард за граѓаните.









