ПОДЕМ одбележа 18 години постоење – преполна сала, силни пораки и јасна визија за иднината

Во свечена атмосфера, исполнета со единство, силна енергија и преполна сала, Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ го одбележа својот 18. роденден. Настанот обедини бројни членови, основачи, претставници на општинските организации, коалициони партнери, пријатели и поддржувачи на партијата, испраќајќи силна порака за заедништво, одговорност и продолжување на политичкиот развој на ПОДЕМ.

Свеченоста беше можност да се направи осврт на изминатите осумнаесет години, период во кој ПОДЕМ се изгради како препознатлива политичка сила со јасни принципи, доследни политики и континуирана посветеност на интересите на граѓаните и државата.

Во своето обраќање, претседателот на ПОДЕМ, проф. д-р Живко Јанкулоски, истакна дека партијата останува доследна на својата мисија да биде фактор на обединување, стабилност и развој, нагласувајќи дека довербата која ПОДЕМ ја градел низ годините претставува најголемата обврска за уште поодговорно дејствување во иднина.

На присутните им се обрати и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој упати честитки по повод полнолетството на ПОДЕМ и ја истакна важноста на партнерството, заедничките вредности и соработката во остварувањето на реформите и развојните политики во интерес на граѓаните и Република Македонија.

Од ПОДЕМ изразија искрена благодарност до сите основачи, членови, симпатизери, коалициони партнери и гости кои со своето присуство придонесоа овој значаен јубилеј да биде одбележан достоинствено и во духот на заедништвото.

„Преполната сала е најсилната потврда дека ПОДЕМ има доверба, има поддршка и има иднина. Продолжуваме со уште поголема одговорност, со јасни цели и со силна посветеност кон развојот на Македонија и подобар живот за сите граѓани“, беше порачано на настанот.

Одбележувањето на 18-годишнината претставува нов поттик за ПОДЕМ да продолжи со активен политички ангажман, со современи политики, европски вредности и конкретни решенија, останувајќи верен на своето мото – да обединува, да создава и да придонесува за напредокот на државата.

Scroll to Top