ПОДЕМ: Законот за јазици не ...
Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ уште еднаш повикува на транспарентност и отвореност во однос на најважните национални прашања како што е законот за јазици и односите со соседите односно спорот со името.
Очигледно е дека Законот за јазици ја ниша владеачката коалиција на СДСМ и ДУИ. Да не дозволиме тоа нишање да ја разниша и стабилноста и перспективата на Република Македонија.
Доста е со уцени! Да не дозволиме теснопартиски интереси и уцени да ја одредуваат судбината на граѓаните на Македонија.
Затоа ПОДЕМ ги повикува и СДСМ и ДУИ со отвореност и транспарентност да стават крај на тензиите. Секакви уцени ќе се пресечат во корен ако јавно и јасно се каже што се договарало, ако отворено се каже што може, а што не може да биде производ на коалицирањето.
Транспарентоста е единствениот метод кој треба да се примени и во односите со соседите, но и дома. Затскривањата на тоа што се преговара, како со Грција, така и со ДУИ, очигледно води кон засилени апетити.
Денеска Грција ни порача дека не било доволно што Македонија ги смени таблите со имињата на аеродомот и автопатот. Отворено слушнавме дека со тоа нема да се реши проблемот со името. Каменос дури ни порача и дека Заев давал хумуристични изјави.
Во Грција веќе не не сфаќаат сериозно. А и како ќе не сфаќаат после толку отстапки?! Како да не можеше таблите да се сменат откако ќе се реши името.
Сега бараат надуставен договор, доаѓаат со дополнет нацрт… и што ли уште ќе им текне до следната недела кога Коѕијас ќе дојде во Македонија за да ги врачи новите уцени.
Сите досега направени отстапки им даваат залет и на Грција, и на ДУИ.
Доцна се укажа и на начелото на реципроцитет. Но за да не биде предоцна, сега е моментот СЕ отворено да се каже. Што му е ветено на Грција и што му е ветено на ДУИ. Македонскиот народ има право да знае кој и како му ја крои судбината.
ПОДЕМ изразува задоволство што најверојатно сега ќе се реализира лидерската средба на која што повикувавме. Но повторно потенцираме, дека лидерската средба треба да се одржи во проширен состав, односно да се вклучат сите релеванти партии.
Во време кога целата политичка ситуација во Македонија мириса на техничка влада и предвремени избори, можеби е време да се размисли за една национална коалиција. Двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ да седнат на иста маса и да направат коалиција по примерот на Германија. Со тоа, заеднички еднаш засекогаш да ги одредат приоритетите за националните прашања.
Приоритет за Македонија е влезот во Европа, а не донесување на закони кои не подлежат на европско знаме, но се наметнуваат и го блокираат собранието кое треба да ги донесе вистинските европски закони.
Таа коалиција, на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, треба да е отворена и за албанските партии. Но тие треба да покажат дека и мислат добро на Македонија, а да не секое коалицирање да го користат за остварување на цели кои не се во заеднички интерес на сите граѓани на Република Македонија, без оглед на која етничка група припаѓаат.
На крајот на краиштата Законот за јазици и не е закон за јазици, туку е Закон за албанскиот јазик. Зарем во 21 век Македонија ќе носи закон кој не ги става во рамноправна положба сите етнички заедници.
Дури преку една ваква широка коалиција, каде никој никого нема да може да уценува, ќе се види реалната политичка моќ на партиите, која треба да извира од гласот на граѓаните.
Формирањето на таква коалиција ќе овозможи и одржување на долго бараниот попис. Да се преброиме и да видиме кој колку придонесува во оваа држава, а колку бара. Оти очигледно е дека некој бара премногу.
Со формирањето на таква коалиција, нема веќе да има како денес состојби кои не ја отсликуваат реалноста, но се манифестираат низ поделби на директорски места, уцени и земање плата по рамковен без да се оди на работа.
И сето тоа додека народот во Македонија не може да врзе крај со крај.
Зарем тоа го заслужи македонскиот народ, кој гласаше за т.н. промени кон подобро, а доби блокада од неевропски закони.
Овој народ заслужува европска перспектива. Таа може да се оствари само низ чесен и отворен пристап.
Комисија за односи со јавност
ПОДЕМ