ПОДЕМ: Со измените на кривичниот законик до раст на корупцијата
Почитувани сограѓани,
на предлог на владејачките партии, во експресна постапка, како да нема утре, без јавна експертска и компаративна расправа, Собранието го измени Кривичниот законик и драстично ги намали казните за дел од најтешките кривични дела.
Бурлеската да биде поголема намалените казни беа претставени како усогласување со европското право и беа донесени во т.н. процедура со европско знаменце.
Кривичниот законик, кај нас, но и секаде во цивилизираниот свет е еден од трите најважни правни акти во една држава и во најстарите демократии е непроменет со векови, па очекувано неговата небулозно брза и нелогична измена предизвика силно негодување од експертската јавност, кои ги истакнаа сите принципи, правила и процедури кои се прекршени и злоупотребени со овој чин.
Експертските и политичките мислења на страна, ПОДЕМ сака граѓаните да го знаат следново.
Прво, власта, интересно без позначаен отпор, но и без збор од најголемиот борец против корупцијата американската амбасадорка Агелер, ја намали казната за кривичното дело „Злосторничко здружување“.
Второ, „Злосторничко здружување“ е македонскиот законски термин за она што во светот се нарекува „Мафија“.
Значи, власта смета дека мафијата треба да биде помалку казнувана и дека, нејзините мафијашки дејанија треба побрзо да застаруваат.
Без дилема, во ист кош се ставени и „местачите“ на тендери, директорите со скапи „репрезентации“ и монструмите од Онкологија.
Тоа е се што треба да знаете за луѓето кои ви ја ветуваат Европа и европско владеење на правото!