skip to Main Content
ЈАНКУЛОСКИ: Дали и избрзаната одлука за протерување на рускиот дипломат е дел од барањата за “добрососедство”?

ЈАНКУЛОСКИ: Дали и избрзаната одлука за протерување на рускиот дипломат е дел од барањата за “добрососедство”?

Во пресрет на денешната средба во Виена за името, како и по протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ повикува во однос на двете прашања Македонија да се води од принципот на градење на добри односи со сите.
ПОДЕМ смета дека избрзано се пристапи кон прашањето за протерување на рускиот дипломат, за што веќе слушнавме од рускиот амбасадор дека ќе следи адекватен и промислен одговор.

Да не заборавиме дека Русија е меѓу првите земји која не призна под нашето уставно име. Исто така дека е постојана членка на ООН и што е најважно од се немаме никви отворени прашања помеѓу двете држави.
Само за потсетување, нема никакви осуди и протерувања на руски дипломати од страна на половина земји членки на ЕУ и НАТО, а секако и од соседна Грција.
По ваквата одлука потребно е транспарентно изложување на причините за одлуката за протерување на дипломатот. Само таков пристап може поволно да влијае на односите меѓу Македонија и Русија.

Но, да се надеваме дека нема да бидеме на удар на извозни санкции, особено што Русија е значаен трговски партнер, пред се во поглед на пласманот на земјоделското производство од Македонија.
На транспарентност инсистираме и во преговорите со Грција. Сметаме дека само така ќе се скратат апетитите на грчка страна.
Во спротивно, се додека Коѕијас го дочекуваме како Маршал, тој едно ќе зборува пред нас тука, а друго кога се враќа во Грција.
Така, за време на последната посета на Македонија, Коѕијас пред сите изјави дека постојат компромиси, и како што рече самиот, не можеш да наметнеш на никого како да се однесува.

Но, не требаше многу, за кога ќе замине во Грција да не нарече малo тукушто родено бебе, кое се уште го нема најдено својот идентитет. Крајно навредувачки како кон сосед, каде живее народ со долгогодишен македонски идентитет и култура.
Затоа, потребно е да и покажеме на Грција, но и на светот, дека сме големи како земја и како народ и дека за нас идентитетот е аманет и света работа.
Исто така, достоинствено и гордо да покажеме дека ние сакаме да градиме добри односи со Грција, односи на почит и пријателство, но за возврат очекуваме ист пристап.

Да кажеме дека Македонија и македонскиот народ се на прво место и дека нема да прифатиме никакви уцени и сакаме само под такви околности да бидеме испочитувани од ЕУ и НАТО и само како такви да станеме нивни сојузници и партнери и никако, да не прифаќаме предлози како што сега ни се нудат од страна на Грција.

Проф. д-р Живко Јанкулоски
Претседател на ПОДЕМ