skip to Main Content
ПОДЕМ со повик до Јавното обвинителство и Државното правобранителство!

ПОДЕМ со повик до Јавното обвинителство и Државното правобранителство!

Сапунската серија „Северни лични документи“ продолжува со нови епизоди.

Во секое ново издание антихероите глумат херои и се удираат во гради како конечно успеале да ги решат проблемите со личните исправи кои претходно самите ги создадоа.

Додека Претседателот Пендаровски, СДСМ и ДУИ го живеат својот „Синдром на спасител“ ние, граѓаните кои не живееме во нивната паралелна реалност доживуваме да ни биде изречена колективна мерка за обезбедување присуство – одземање на патна исправа и да ни биде ограничена сопственоста над нашите моторни возила.

Истите луѓе кои четири години по потпишаниот „Преспански договор“ сеуште издаваа пасоши, лични карти, возачки дозволи, регистарски таблици и сообраќајни дозволи со државно име кое сами го сменија, најпрво не сторија недоветни дека сите колективно сме биле несовесни чекајќи последен рок за промена на исправите, за „пет до избори“ да истураат емотивни изливи на грижа за народот и да гарантираат неказнивост на непроменетите исправи па дури и да предлагаат закони за измени на „законите за северни документи“ кои претходно сами ги донесоа и ги прекршија.

Сведоци сме на систематско кршење на човековите права на граѓаните од страна на сопствената држава.

Оваа лакрдија ќе резултира со илјадници постапки пред домашните и меѓународните судови кои ќе ја чинат нашата држава милиони евра.

Пред ова да се случи ПОДЕМ ги повикува Јавното обвинителство и Државното правобранителство да го заштитат јавниот, граѓанскиот и државниот интерес и пред лицето на кривичната и граѓанската правда да ги изведат оние сегашни и бивши државни функционери кои од нестручност или умислено систематски изложија над милион граѓани на материјална штета, изгубена добивка и ограничување на основните слободи и права.

Овие луѓе лично треба да бидат предмет на идните тужби од граѓаните а не нашата држава, со нивни пари треба да ни ги платат неправдите а не со нашите од буџетот.

Живееме во единствената држава која на своите граѓани дома и надвор им ги затвора вратите и од своите граѓани прави апатриди.

ПОДЕМ го повикува правосудството да се одважи и да ни го врати домот!