skip to Main Content
ПОДЕМ: Дали со последните изјави се подготвува терен за промена на Уставот?

ПОДЕМ: Дали со последните изјави се подготвува терен за промена на Уставот?

Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ пред целата македонска јавност прашува дали последните политички изјави од македонскиот државен врв се во функција на подготвување на терен за промена на уставот.

Од Премиерот Зоран Заев слушнавме дека Македонија секако треба да го отвори Уставот пред влегување во ЕУ. Рече и дека ако се работи за дополнителни гаранции или нешто што е важно за граѓаните на Грција, кои се страна, тогаш би можело и за тоа да се разгледува како можност, при што посочи дека тој е човек кој ги бара сите можни креативни начини на изнаоѓање на решение, знаејќи дека може да се постигне решение ако институциите во Грција гласаат и институциите во Република Македонија гласаат за тоа решение.

Затоа ПОДЕМ прашува за какви креативни начини станува збор. И зарем и таквата можност не испраќа уште еден сигнал дека Македонија е подготвена на уште отстапки.
Дали со вакви изјави се подготуваат граѓаните на Република Македонија за промена на уставот, се разбира чекор по чекор, но пополека и сигурно. Прво само договор, а во идно време пред влез во ЕУ и промена на Уставот. Веројатно, тогаш во уставот ќе се вклопи и Законот за јазици.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров порача и дека ќе сториме се што можеме извештајот од Европската комисија во јуни да го преточиме во политичка одлука.

Што е тоа СЕ?
Дали македонските граѓани се подготвени да платат ваква цена? Дали знаат каква цена треба да платат и дали знаат што на крај ќе добијат? И дали нешто ќе добијат?

Комисија за односи со јавност
ПОДЕМ

Сподели