skip to Main Content

ПОДЕМ за претстојниот рефе...

 

До: Електронски и печатени медиуми

Предмет: Известување по повод претстојниот референдум

 

Почитувани,

Извршниот одбор на ПОДЕМ, на седницата одржана на 15.09.2018 година едногласно ја потврди одлуката од членовите на Централниот одбор, за ИГНОРИРАЊЕ на претстојниот референдум на 30-ти септември 2018 година.

Со оглед на штетниот и неуставен договор во Нивици, крајно несериозното и збунувачко референдумско прашање, како и политичката и економска неизвесност, во која актуелната Влада ја води земјата, ги повикуваме граѓаните на Република Македонија на 30 септември да го ИГНОРИРААТ референдумското изјаснување.

ПОДЕМ уште еднаш истакнува дека местото на Република Македонија и е во Европската Унија и НАТО, но членка со национално достоинство, неуценета и почитувана.

Референдумот не смее да биде изговор за политичкиот и економскиот неуспех кој и се случува на Република Македонија во секоја сфера на живеење. Единствен договор кој мора да ги обедини сите политички партии е правецот во кој ќе се одвиваат реформите во судството, борбата против корупцијата, подобрувањето на состојбите во образованието и здравството, зголемувањето на животниот стандард на населението.

Со почит,

Центар за комуникации

ПОДЕМ

contact@podem.org.mk

ПОДЕМ одбележа 10 години пос...

 

Во присуство на претседатели и секретари на општинските организации на ПОДЕМ, членови на Централниот и Надзорниот Одбор на ПОДЕМ, делегации од политички партии, ПОДЕМ одбележа 10 години постоење на политичката сцена во Република Македонија. Пред присутните се обрати Живко Јанкуловски – претседател на ПОДЕМ.

ПОДЕМ против договорот со Г...

ПОДЕМ против договорт со Грција, бара предвремени избори

Партијата на Обединети Демократи на Македонија – ПОДЕМ категорично ја отфрла спогодбата помеѓу Македонија и Грција, бидејќи со неа се врши нелегитимна промена на уставното име на Република Македонија, а истовремено се врши и упад во Уставот на Република Македонија, со обид да изврши брзо бришење на најзначајниот дел од македонската историја.
Дополнителна причина за ваквиот став на ПОДЕМ е што процесот на изготвување на оваа спогодба не беше транспарентен и не ги вклучи мислењата и ставовивте на македонските граѓани, опозицијата и Претседателот на Државата.

Сведоци сме на се она што се случуваше по однос на преговорите, како бевме манипулирани од страна на премиерот и министерот Димитров, ветувањата дека никогаш нема да дозволи промена на устав и идентитет, за да сега се случи овој чин на предавство на македонскиот народ и се прифати целосно менување на уставот на Република Македонија и уставното име, со бришење на македонската историја и откажување од македонската дијаспора.

ПОДЕМ повикува веднаш да се организираат предвремени избори, за да им се даде можност на граѓаните да се изјаснат и проверат подршката на актуелната власт после овој недостоинствен чин што го направи оваа власт.
ПОДЕМ му дава целосна подршка на Претседателот Иванов за неподпишувањето на оваа недостоинствена спогодба и да обезбеди зачувување на уставот и уставното име на Република Македонија.

Со почит
Односи за јавност на ПОДЕМ

Нашето име е Република Маке...

Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ изразува голема загриженост по однос на продолжувањето на преговорите и договорите за нашето име, а истовремено и загриженост за веќе недозволениот однос на нашите преговарачи (ако може така да се каже, преговарачи) , кога станува збор за нашето име РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Несериозноста на преговарачите оди до таму што Заев им ги одзеде гордоста и достоинството на Македонија и македонскиот народ, ова е веќе уништување на македонскиот идентитет и изигрување на македонската историја, си дозволивме името Македонија денес да стане потсмев и неверување кај граѓаните, дека до толку несериозни можат да бидат премиерот и сите околу него, кој си дозволија како од ракав да ги извлекуваат предлозите и прифаќањето на се и сешто, само и само да се задоволат барањата на соседна Грција.

Но, во услови кога грчката јавност е десет чекори пред јавноста во Македонија, со тоа што сите досегашни информации за името ги добиваме само од грчките медиуми, по одржувањето на лидерската средба, конечно се огласи и Заев со овој предлог и зачудувачки променет личен негов став, дека уставот нема да се менува. Но, ете видовме дека веќе Грција стигна до почетен старт во преговорите на ерга омнес или име за севкупна употреба, а замислете при тоа, нема одстапено ниту педа од нивна страна.

ПОДЕМ недвосмислено повикува да не си играат со нашата држава, да не ја доведуваат до разнебитување и потсмев во светот и колку е возможно најбрзо да си се повлечат од т.н преговори и конечно да разберат дека граѓаните не сакаат менување на уставното име. Мора да сватат дека името на Република Македонија не е за потсмев, за со него соседите да си ја тераат водата на својата воденица.
Повикуваме граѓаните на Република Македонија заедно со опозицијата, МАНУ и сите здруженија и загрижени граѓани на Р Македонија, да не дозволиме и понатаму да си поигруваат со нашето уставно име и јасно да ка кажеме НЕ за менување на уставното име РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Со Почит,
Комисија за односи за јавност на ПОДЕМ

Дали Петровска чека одзема...

Како Член на советот на општина Битола, сакам да алармирам за бројните реакции на нашите сограѓани, стотици семејства, кои НЕ МОЖАТ да си го остварат ПРАВОТО на легализација на бесправно изградените објекти, кои поднеле барања согласно позитивните законски прописи,  ИСКЛУЧИВО заради самоволието и бегањето од давање на вистински одговори на градоначалничката Наташа Петровска. Тоа се сограѓани кои уредно и законски си комплетирале документација, потрошиле и време и пари, и чекаат финализација на постапката.

Нема ден, да нема семејство кое оди од канцеларија до канцеларија во општината да праша до каде е статусот на нивното барање,  но никој не смее да им даде било каква информација, бидејќи легализацијата како процес, од октомври-минатата година, е ТАБУ ТЕМА во општината.

Ја повикувам Петровска, Да престани да го руши достоинството и на Советот, со што ќе дозволи, да предметите од општинската администрација,  бидат разгледани на комисијата за урбанизам, со што би оделе како точки на Седница на Совет, и би завршиле постапките со врачување на решенијата за легализација на граѓаните.

Во оваа прилика сакам да поставам и неколку прашања:

  1. Дали Петровска знае дека со ова кочење ОНЕВОЗМОЖУВА и дополнителен приход на општината што би можеле да се искористат за реализација на проекти?
  2. Дали е свесна, дека со оваа постапка, општина Битола може да добие и глоба од Државниот управен инспекторат во висина до 15000 еур, заради намерно одолговлекување на постапките и спречување во остварување на законските права на граѓаните?
  3. Дали е свесна дека нејзината фобија од ставање потпис на документи MOЖЕ ДА ДОВЕДЕ до одземање на ингеренциите од областа на урбанизмот, од страна на централната власт, што всушност може да е и целта на ова нејзино однесување?

Граѓаните ЗАСЛУЖУВААТ ОДГОВОРИ!

 

Со почит,

Комисија за односи со јавност

 

ПОДЕМ: Дали со последните и...

Партијата на обединети демократи на Македонија – ПОДЕМ пред целата македонска јавност прашува дали последните политички изјави од македонскиот државен врв се во функција на подготвување на терен за промена на уставот.

Од Премиерот Зоран Заев слушнавме дека Македонија секако треба да го отвори Уставот пред влегување во ЕУ. Рече и дека ако се работи за дополнителни гаранции или нешто што е важно за граѓаните на Грција, кои се страна, тогаш би можело и за тоа да се разгледува како можност, при што посочи дека тој е човек кој ги бара сите можни креативни начини на изнаоѓање на решение, знаејќи дека може да се постигне решение ако институциите во Грција гласаат и институциите во Република Македонија гласаат за тоа решение.

Затоа ПОДЕМ прашува за какви креативни начини станува збор. И зарем и таквата можност не испраќа уште еден сигнал дека Македонија е подготвена на уште отстапки.
Дали со вакви изјави се подготуваат граѓаните на Република Македонија за промена на уставот, се разбира чекор по чекор, но пополека и сигурно. Прво само договор, а во идно време пред влез во ЕУ и промена на Уставот. Веројатно, тогаш во уставот ќе се вклопи и Законот за јазици.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров порача и дека ќе сториме се што можеме извештајот од Европската комисија во јуни да го преточиме во политичка одлука.

Што е тоа СЕ?
Дали македонските граѓани се подготвени да платат ваква цена? Дали знаат каква цена треба да платат и дали знаат што на крај ќе добијат? И дали нешто ќе добијат?

Комисија за односи со јавност
ПОДЕМ

Само со техничка влада Маке...

Од временска дистанца од повеќе од една година откако СДСМ и коалицијата, на предвремените парламентарни избори во декември 2016, а потоа и на локалните избори во октомври 2017, ја презедоа власта во Република Македонија, останува отворено прашањето што вети, а што исполни владеачката коалиција и каде ја води сега државата.

Очигледно е дека од двата изборни циклуси па до денес настанаа големи промени во Македонија, но прашање е колку тие промени се оние кои беа ветени и оние кои ги очекуваа граѓаните.

Факт е дека приоритет за граѓаните во Македонија е економијата, односно растот на бројот на вработени и растот на платите.

Во предизборието лидерот на СДСМ Зоран Заев ветуваше раст на платите во Македонија, при што рече дека целта е просечната плата во земјата да порасне на 500 евра и стандардот на граѓаните да биде повисок.  Наместо тоа, од ден во ден гледаме дека повторно се активираат работнички незадоволства. Нема нови работни места, нема отворање на нови фабрики, а постоечките се стопираа под изрека дека треба да се проверат или не се добри, само и само со цел да се присвојат за свои, во немање идеи и нови проекти.

За просечна плата од 500 евра, денеска во Македонија може само да се сонува!

Од друга страна задолжувањата се зголемуваат, а никој не знае поради што? БДП има негативен раст, девизните резерви се намалуваат, јавниот долг расте.

Каде одиме? Дали ова е подобрата економска перспектива која СДСМ ни ја ветуваше пред изборите? Дали е ова животот кој требаше да дојде?!

И во момент кога македонската економија е на колена, таа ќе треба да понесе уште еден голем товар, товарот на двојазичноста.

За имплементација на Законот за употреба на јазиците начелно се потребни 1,7 милиони евра. Но, прашање е колку навистина ќе не чини двојазичноста?! Експертите предупредуваат дека таа ќе ја чини домашната економија и џебот на македонскиот граѓанин дури и десет пати повеќе од предвиденото. Законот предвидува формирање на нови агенции, нови вработувања, многу приспособувања во сите државни институции и во Струмица, Берово, Битола, Гевгелија и сите општини во цела Македонија, со по 20 до 60 преведувачи во подрачните единици на министерствата (образование, земјоделие, труд и социјална политика, транспорт..), полицијата, царината, инспекторатите, болниците. Да не заборавиме дека непочитувањето на овој закон предвидува големи казни.

Сето тоа ќе наметне нови трошоци, а ќе се согласите, товарот ќе го носиме сите подеднакво. Немаше ли простор за проширена граѓанска дебата? Немаше ли простор да се причека мислење од Венецијанската комисија, а потоа да се понуди применлив и практичен закон во интерес на сите заедници.

Нели Заев лично во 2017 година ни ветуваше дека нема да има двојазичност во сите институции на целата територија на земјата. Ни велеше, луѓе тоа се само „будалаштини„. Или можеби ова е одговорот на ветувањата дадени во Швајцарија за проширување на рамките на Охридскиот договор.

Очигледно е дека се прават манипулации и со граѓаните на Република Македонија од албанска етничка заедница, под превезот дека наводно им се унапредуваат правата. Тоа не е вистинскиот одговор на уставното право и тие равноправно да ги имаат сите права како и останатите граѓани на Република Македонија.

Во атмосфера на етничка подвоеност, подгреана со Законот за јазици, но и економска осиромашеност, го пречекавме Коѕијас, кој донесе непристоен предлог за слеано име, дрско испишан на 20 страници и во 55 параграфи. Небаре ние сме нешто виновни, па Коѕијас е дојден нешто да ни суди.

Па кој е тој Коѕијас!? Нели прашањето за името требаше да се решава под покровителство на Обединетите Нации. Ако некој треба да носи предлози тоа е посредникот Метју Нимиц.

Или Грците видоа село без кучиња, па сега тука ќе прават тоа што не можат дома. И додека во Грција јасно му кажаа на Коѕијас каде му е местото, во Македонија го пречекавме преку аеродром и автопат, чии имиња ги сменивме само тој да не се нервира. Го тргнавме и споменикот на Александар Македонски од аеродромот, оти Коѕијас може да се налути.

А што добивме за возврат. Само што се врати во Грција, Коѕијас не нарече малo тукушто родено бебе, кое се уште го нема најдено својот идентитет. Крајно навредувачки како кон соседна земја во која живее народ со долгогодишен македонски идентитет и култура.

По средбата во Виена, како што повторно разбравме и тоа само од грчка страна, името било договорено, македонската страна прифатила, како што најави Заев претходно, име со географска одредница. Но, работите не застанаа тука. Се бара промена на уставот и „ерга омнес„. Нели стануваше збор само за промена на референцата. Дали тоа значи дека сега ќе дозволиме до крај да бидеме обезличени? Зошто дозволуваме Грција да не омаловажува бесконечно? Дали имаат такво право воопшто за тоа да разговараат нашите преговарачи?

Дали после сето ова, Коѕијас и на 12 април во Охрид ќе го пречекаме како Маршал на црвен тепих?! И дали тие нас кај нив би не пречекувале така?!

Наместо правење на постојани отстапки, потребно е да и покажеме на Грција, но и на светот, дека сме големи како земја и како народ и дека за нас идентитетот е аманет и света работа.

Исто така, достоинствено и гордо да покажеме дека ние сакаме да градиме добри односи со Грција, односи на почит и пријателство, но за возврат очекуваме ист пристап.

Да покажеме дека Македонија и македонскиот народ се на прво место и дека нема да прифатиме никакви уцени и сакаме само под такви околности да бидеме третирани од ЕУ и НАТО и само како такви да станеме нивни сојузници и партнери, што значи и никако да не прифаќаме предлози какви што сега ни се нудат од страна на Грција.

Оттука, Македонија треба да се води од принципот на градење на добри односи со сите. Да покаже дека е стабилен и кредибилен партнер. Да не подлегнува на притисоци, ниту да прави отстапки на своја штета.

Тоа е важно не само за нашата земја, туку и за регионот, бидејќи без стабилна Македонија, нема стабилен регион. Македонија е дел од регионалната политичка, економска, безбедносна слика и како таква е важна карика во регионот и пошироко.

Граѓаните очекуваа стабилна надворешна политика, но и реализирање на економските ветувања.

Сакаме членство во ЕУ и НАТО, но со достоинство, а не обезличени. Сакаме соживот, а не двојазичност. Сакаме пријатески односи со соседите, а не откажување од историјата, јазикот и еднострана корекција на учебниците.Сакаме просечна плата од 30.000 денари, а не наместо тоа да имаме понизок стандард. И на крај сакаме подобар живот, а не неизвесност за својата држава и тотален хаос.

Сега, се поставува прашањето, што после сето ова? Ни претстојат реформските закони од планот 3-6-9, кои без опозицијата е невозможно да се донесат. Сведоци сме дека од една страна се повикува опозицијата на соработка, а од друга страна перманентно се оддалечува од секаква соработка, при тоа на никој не му е јасно како мисли власта да продолжи со ваквата политика во најважниот период за Република Македонија, кога станува збор за ЕУ и НАТО.

Дали не е очигледно потребна техничка Влада за реализирање на реформските закони, кои се предуслов за исполнување на барањата на нашите сојузници и истовремено одбројување на последните 100 дена пред закажување на нови предвремени парламентарни избори.

Автор: проф. д-р Живко Јанкуловски, редовен универзитетски професор и претседател на ПОДЕМ